Српските власти го подигнаа нивото на безбедносна закана од тероризам на највисоко ниво, откако синоќа во Белград беше извршен напад врз припадник на полицијата кој ја обезбедувал израелската амбасада.
Министерот за внатрешни работи во технички мандат, Ивица Дачиќ, изјави дека напаѓачот, кој бил малолетен и чиј идентитет сè уште не е утврден, го нападнал полицаецот со два ножа, извикувајќи „Алаху акбар“.
Припадник на Жандармеријата реагирал во самоодбрана и го усмртил напаѓачот, при што и самиот бил повреден.
Дачиќ соопшти дека безбедносната закана е подигната на највисокото, црвено ниво, а полицијата ќе го засили присуството и контролите на локации од посебно безбедносно значење, меѓу кои инфраструктурни објекти и места каде се собираат поголем број граѓани.
Тој додаде дека безбедносните служби претходно го следеле осомничениот и дека, според досегашните информации, тој бил поддржувач на терористичката организација ИД. На неговиот профил на Инстаграм, како што наведе Дачиќ, биле пронајдени црно знаме и симболи поврзани со оваа организација.
