Претседателот на Советот на Општина Чаир, Мухамет Муртези, е претседател на Исламскиот младински форум (Islamic Youth Forum), организација од Македонија која се најде на листата од 35 организации што египетските власти ги прогласија за терористички, објави „Топ чанел Албанија“.
Муртези ја извршува функцијата претседател на Советот на Општина Чаир во мандатот 2025–2029 година, а на последните локални избори беше дел и од советничката листа на коалицијата ВЛЕН во оваа општина.
Според албанскиот медиум, Муртези во изминатиот период јавно ги поддржал студентските протести во Албанија. Во една од своите објави на Фејсбук изразил надеж дека политичката ера на албанскиот премиер Еди Рама наскоро ќе заврши, заедно со, како што навел, насилството на улиците во земјата.
Египетскиот Кривичен суд на листата на терористички организации и поединци стави вкупно 35 организации и 36 лица, при што мерката важи во период од пет години.
Освен Исламскиот младински форум од Македонија, на листата се најдоа и едно здружение од Албанија, како и една фондација од Косово.
