На 27 март со почеток во 20 часот, во салата на Филхармонијата ќе се одржи концертот „Миланова игра“ – свечен музички омаж посветен на Милан Завков, еден од најзначајните македонски композитори, хармоникаши и аранжери.
На сцената ќе настапат Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Горан и Ленче Кукиќ, како и инструменталистите Катарина Броња на флејта и Дино Имери на пијано. Концертот ќе биде воден од Ирена Спировска.
Настанот е замислен како свечена вечер во која дел од најпознатите ора и песни на Завков ќе добијат ново музичко читање. Делата ќе бидат изведени од камерен оркестар специјално формиран за оваа пригода, со современи оркестарски интерпретации што го поврзуваат традиционалниот македонски мелос со нови звучни пристапи.
Програмата ќе опфати избрани вокални и инструментални композиции од неговиот опус, во нови аранжмани подготвени од Дамир Имери и Дарко Илиевски.
Од семејството Завкови велат дека концертот ја исполнува една од неговите големи желби – преку неговата музика да се создаде мост меѓу македонската народна традиција и современиот уметнички израз.
„Милан целиот свој живот го посвети на негување и афирмација на македонската народна музика и фолклор. Веруваше дека народната музика е жива материја што треба да се чува, но и да се развива“, посочуваат од семејството.
Милан Завков беше врвен хармоникаш, композитор и аранжер, првенец и долгогодишен раководител на оркестарот на ансамблот „Танец“. Почина ненадејно на 7 февруари 2023 година.
Билетите за концертот „Миланова игра“ се достапни преку мрежата на МК тикетс.
