Легендарната британска рок-група „Дип парпл“ ги откажа двата планирани концерта во Германија откако нејзиниот фронтмен Ијан Гилан бил хоспитализиран поради итна медицинска состојба, објави „Ролинг стоун“.
Групата во саботата, 31 октомври, соопшти дека нема да настапи во Лајпциг и Хамбург, каде што требаше да одржи концерти во рамките на актуелната европска турнеја.
„Со големо разочарување мораме да соопштиме дека ‘Дип парпл’ нема да може да настапи според планираното, вечерва во арената ‘Кју Ај’ во Лајпциг и утревечер во ‘Шпортхале’ во Хамбург. Причината е итна медицинска состојба на Ијан Гилан, поради која тој во моментов е хоспитализиран“, наведоа од групата.
Засега не се откриваат детали за здравствениот проблем на 81-годишниот пејач, ниту е познато колку долго ќе трае неговото закрепнување.
Од „Дип парпл“ им се извинија на фановите поради ненадејното откажување и порачаа дека ќе се обидат да најдат нови датуми за концертите во Лајпциг и Хамбург.
„Разбираме дека ова известување доаѓа во последен момент и го делиме разочарувањето на сите наши прекрасни обожаватели што не можеме да настапиме во Лајпциг и Хамбург“, соопштија членовите на бендот.
Следниот настап на групата според актуелниот распоред е закажан за 3 ноември во Дортмунд, но сè уште нема потврда дали концертот ќе се одржи.
Европската турнеја на „Дип парпл“ треба да заврши на 25 ноември со концерт во лондонската сала „Ројал Алберт хол“, а потоа се планирани настапи во Латинска Америка во декември.
Хоспитализацијата на Гилан доаѓа неколку недели откако неговиот поранешен колега од групата, Глен Хјуз, објави дека закрепнува по десетчасовна операција на отворено срце.
Ијан Гилан е еден од највлијателните рок-вокали во историјата. Тој беше дел од златната постава на „Дип парпл“ од 1969 до 1973 година, период во кој беа создадени легендарните албуми „Deep Purple in Rock“ и „Machine Head“.
Во составот се врати во 1984 година, повторно замина во 1989 година, а од 1992 година е постојан член на бендот.
„Дип парпл“ моментално го промовира својот 24. студиски албум „Splat!“, објавен во 2026 година.
