Неколку куќи во близина на Бит-пазар во Скопје попладнево беа зафатени од пожар, кој по брзата интервенција на противпожарните екипи е ставен под контрола.
Командирот на скопската противпожарна бригада, Звонко Томески, информира дека во пожарот нема повредени, а причинета е само материјална штета.
Според него, огнот најпрво избувнал на покривот на една двокатна куќа, по што поради непосредната близина на објектите се проширил и на делови од уште две соседни куќи.
Во интервенцијата учествувале 22 пожарникари со девет противпожарни возила, кои успеале да го локализираат пожарот и да спречат негово понатамошно ширење.
Надлежните служби ќе извршат увид, по што ќе бидат познати причините за избувнувањето на пожарот, како и висината на причинетата материјална штета.
