Во изминатото деноноќие, полициските службеници на територијата на Македонија лишиле од слобода 17 лица, а со уште едно лице бил извршен службен разговор поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, информира Министерството за внатрешни работи.
Од МВР соопштија дека најголем дел од случаите се однесуваат на управување возила без положен возачки испит. Десет лица биле затекнати како возат без да имаат стекнато право за управување, меѓу кои и 14-годишен малолетник од Виница, кој изгубил контрола над мопедот и паднал.
Службен разговор бил извршен и со 19-годишник од Велес, кој учествувал во сообраќајна незгода со мотоцикл без регистарски ознаки и уште две возила, иако немал право да управува моторно возило.
Полицијата санкционирала и пет лица кои управувале возила под дејство на алкохол. Највисока измерена концентрација имало кај возач кај кого биле утврдени 3,35 промили алкохол во крвта, додека кај останатите биле измерени вредности од 1,55 до 2,17 промили.
Две лица биле затекнати како управуваат возила и покрај активна забрана за возење. Еден од нив претходно учествувал и во сообраќајна незгода.
Меѓу приведените е и 53-годишник од селото Мусинци, општина Могила, кој истовремено возел без положен возачки испит и под дејство на алкохол, при што кај него биле измерени 2,92 промили.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и да не управуваат возила без дозвола, под дејство на алкохол или за време на изречена забрана. Посебен апел е упатен и до родителите да не им дозволуваат на малолетници да управуваат моторни возила пред да ги исполнат законските услови.
