23-годишна девојка се здобила со тешки телесни повреди, а уште две лица биле повредени во сообраќајна несреќа што се случила на улицата „Лазар Личеновски“ во Скопје.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена на 7 ноември во 20:35 часот, а во неа учествувале патничко возило „цитроен“, управувано од 23-годишната Е.С., и „фолксваген Т-рок“ со кој управувал 43-годишниот А.А. И двајцата возачи се жители на Скопје.
Од здобиените повреди најтешко поминала 23-годишната возачка на „цитроенот“, додека со телесни повреди се здобиле и 24-годишниот Н.Р., кој бил сопатник во истото возило, како и возачот на „фолксвагенот“.
Повредените биле пренесени на лекување во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“.
Увид на местото на несреќата извршила екипа на СВР Скопје, а се работи на утврдување на точните околности под кои се случила сообраќајката.
