Жена од Кратово повторно е приведена по пријава дека се обидела да наплати влезници за локалитетот „Камени кукли“, а потоа им се заканувала на двајца посетители од Скопје.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, службеници од ОВР Кратово ја лишиле од слобода Стојна Димитровска (41) на 27 октомври во 11:30 часот. Пријавата ја поднеле Р.П. и Ј.Б. од Скопје.
Од полицијата информираат дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Ова не е прв случај во кој Димитровска е приведена поради настани поврзани со пристапот до локалитетот и наплатата на влезници. Во август, по предлог на Основното јавно обвинителство Куманово, судот ѝ определи притвор во постапки поврзани со сомненија за узурпација и спречување службени лица во извршување службени дејствија.
Тогаш од Обвинителството посочија дека таа продолжила да наплаќа влезници без правен основ, да се расправа со посетители и да им се заканува, и покрај претходно преземените мерки. Според нивните наводи, при тој инцидент имало и напад врз полициски службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат.
Претходно ѝ била изречена и забрана за посета на локалитетот, но според обвинителството таа го избегнувала приемот и почитувањето на решението.
Локалитетот „Камени кукли“ кај селото Куклица, во близина на Кратово, е заштитен споменик на природата, познат по своите карактеристични камени столбови. Спорот околу пристапот и наплатата на влезници трае подолг период и повеќепати предизвикувал реакции од посетители и надлежни институции.
