Министерот за здравство Сашо Клековски ги повика граѓаните да не чекаат со вакцинацијата против сезонски грип, посочувајќи дека најдобра заштита се постигнува доколку имунизацијата се спроведе до првата недела од јануари.
„Сезоната на грип е најизразена во јануари и февруари. Вакцинацијата спроведена до првата недела од јануари обезбедува навремена заштита. Вакцини има доволно за сите пријавени, затоа ги молам граѓаните за трпение – секој ќе биде повикан на термин“, изјави Клековски.
Тој информираше дека тимови на здравствените домови веќе започнале со вакцинација во домовите за стари лица, а од следната недела имунизацијата ќе се спроведува и во центрите за дијализа.
Според Министерството за здравство, од почетокот на кампањата на 14 октомври досега се пријавиле 66.821 граѓанин, со просек од 4.455 пријави дневно. Најголем интерес има кај лицата над 65 години и кај хронично болните.
Најмногу пријави се евидентирани во Скопје – 19.767, потоа во Битола – 4.845, Прилеп – 3.844, Струмица – 3.585 и Тетово – 3.581.
Досега се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 граѓани. Од Министерството наведуваат дека реализацијата на закажаните термини изнесува 86,7 проценти, додека 13,3 проценти од граѓаните не се појавиле на закажаниот термин.
Оттаму апелираат оние што нема да можат да присуствуваат да го откажат терминот, за истиот да му биде доделен на друг пријавен граѓанин.
Во текот на денот ќе започне нов циклус на закажувања, со што дневниот капацитет ќе се зголеми на околу 1.700 вакцинации.
Министерството соопшти и дека е склучен договор за набавка на дополнителни 26.000 вакцини од производителот „Санофи“, кои треба да пристигнат до 15 ноември. Со претходно обезбедените количини и уште најавени 30.000 вакцини до крајот на ноември, годинава ќе бидат обезбедени вкупно 86.000 вакцини против сезонски грип – најголем број досега.
