Министерство за животна средина и просторно планирање најави дека ќе организира јавна расправа во врска со постапката за обновување на А-интегрираната дозвола за цементарницата Титан Усје.
Одлуката доаѓа по протестната блокада што се одржа пред министерството, каде активисти и граѓани симболично организираа „јавна расправа“, испраќајќи порака дека внимателно го следат процесот за издавање на новата дозвола за работа на цементарницата. Тие побараа поголема транспарентност во постапката и построги еколошки стандарди.
Според активистите, досегашната дозвола, која била издадена во 2020 година, дозволувала повисоки емисии на штетни честички во споредба со некои цементарници на истата компанија во други европски земји. Тие бараат новата дозвола да биде усогласена со европските стандарди и препораките на Светска здравствена организација, нагласувајќи дека здравјето на граѓаните треба да има приоритет.
Од министерството посочуваат дека ја почитуваат граѓанската реакција и правото на мирен протест, истакнувајќи дека институцијата останува посветена на транспарентност и отвореност во процесите. Министерот Муамет Хоџа најави дека на јавната расправа ќе бидат поканети сите засегнати страни, вклучително и претставници на граѓанските организации, иницијативи и експерти од областа.
Од ресорното министерство додаваат дека ваквите процеси треба да се водат преку отворен и аргументиран дијалог во институционални рамки, при што граѓанскиот сектор се смета за важен партнер во напорите за заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот.
