На повеќе места низ Македонија има зголемен водостој на реките, а некаде и одредени излевања. Сето тоа е последица на обилните врнежи од дожд во последното деноноќие.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи во Битолски регион има излевање на реката Шемница кај село Лера со поплавена куќа и штали. Во општина Новаци е прекинат патот кон рудникот Брод–Гнеотино поради надојдена вода од Црна Река.
Во преспанскиот регион има излевање на реки во село Царев Двор и Дрмени со поплавени куќи, а постои опасност и од излевање на Голема Река. Во Велес реката Вардар е на многу висок водостој со можност за излевање кај автобуската станица.
Во охридскиот регион: Значително е покачен водостојот на реките, и има излевања на повеќе места и ризик за поплавување на поединечни станбени објекти.
Во скопскиот регион: Зголемено е нивото на речните корита, но засега без излевања на водотеците од нивните корита.
Од УХМР информираат дека денес се очекува променливо облачно време со локални обилни врнежи. Од ЦУК апелираат до граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови и поплавени површини.







