Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ги прими акредитивните писма од новоименуваната амбасадорка на Република Естонија, Јана Ванамолдер, која ќе ја извршува дипломатската функција со седиште во Будимпешта.
На свечената церемонија, Сиљановска-Давкова ја истакна Естонија како позитивен пример за успешна демократска транзиција, модернизација на институциите и развој на дигиталните технологии, посочувајќи дека искуството на оваа балтичка земја може да биде значаен реформски пример за Македонија.
Во разговорот со амбасадорката било оценето дека односите меѓу двете земји треба дополнително да се унапредуваат преку поширока соработка, која покрај политичката и безбедносната димензија ќе ги опфати и економијата, образованието, науката, културата и туризмот.
Двете соговорнички ја потврдиле важноста на сојузништвото во рамките на НАТО, особено во услови на актуелни безбедносни предизвици и закани со кои се соочува меѓународната заедница.
Претседателката изразила благодарност за поддршката што Естонија ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција, но истовремено посочила дека земјата очекува пристапниот процес кон Европската Унија да се води врз основа на јасни, предвидливи и објективни критериуми.
Сиљановска-Давкова нагласила дека преговорите треба да бидат ослободени од билатерални условувања поврзани со идентитетски прашања, а фокусот да биде ставен врз европските вредности, реформите и постигнатите резултати.
Амбасадорката Јана Ванамолдер посочила дека неизвесноста во преговарачкиот процес поврзана со билатералните прашања претставува предизвик, но изразила разбирање за регионалните заложби и европските амбиции на земјите од Западен Балкан.
Таа ја нагласила важноста на регионалната соработка и меѓусебната поддршка како фактори кои можат да придонесат за побрзо напредување кон членство во Европската Унија.
Според Ванамолдер, европската иднина на регионот може да се гради преку партнерство, заемно разбирање и продолжување на процесот на проширување.
На крајот од средбата, претседателката Сиљановска-Давкова ѝ посакала успешен мандат на новата естонска амбасадорка и изразила очекување за натамошно продлабочување на односите меѓу двете држави.
