Проблемот со неконтролираното движење на добитокот низ територијата на Општина Крива Паланка повторно беше во фокусот на институциите, откако денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа координативен состанок посветен на изнаоѓање трајно решение.
На средбата учествуваа претставници од повеќе надлежни институции, меѓу кои министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Јовица Андовски, директорката на Агенцијата за управување со одземен имот Ирена Илиевска, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, како и претставници на Министерството за внатрешни работи и национален координатор од Владата.
На состанокот присуствувале и претставници на Општина Крива Паланка – градоначалникот Сашко Митовски, командантот на Општинскиот кризен штаб и претседателот на Советот на Општината, Миле Трајковски.
Надлежните разговарале за проблемите што ги предизвикува неконтролираното движење на кравите, како и за можните мерки кои треба да се преземат за надминување на состојбата и обезбедување поголема безбедност за граѓаните и имотот.
Координацијата меѓу институциите ќе продолжи и во наредниот период, а веќе за утре е најавена нова средба на која се очекува усогласување на заеднички став и конкретизирање на следните чекори.
Од Општина Крива Паланка информираат дека јавноста навремено ќе биде известена за резултатите од разговорите и мерките што ќе бидат договорени.
Локалната самоуправа посочува дека останува посветена на соработката со сите надлежни институции со цел проблемот да биде решен долгорочно и да се воспостави ред во движењето на добитокот на територијата на општината.
