Министерката за образование и наука Весна Јаневска уверува дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје нема да се соочи со ново исклучување на електричната енергија, иако потврди дека постојат долгови кон снабдувачот со електрична енергија.
Нејзината изјава следува откако дел од факултетите при УКИМ и зградата на Ректоратот вчера неколку часа останаа без електрична енергија поради неплатени сметки. По прекинот, снабдувањето беше повторно воспоставено, а според информациите објавени во дел од медиумите, на Универзитетот му бил даден рок до петок за подмирување на обврските.
Јаневска истакна дека состојбата е под контрола и дека Министерството веќе работи на сервисирање на долговите.
„Електрична енергија на УКИМ има. Точно е дека има долгови за електрична енергија, меѓутоа, вчера, во „Службен весник“ излезе ребалансот на буџетот, долговите редовно ги сервисираме“, изјави министерката.
Таа нагласи дека нема причина факултетите да стравуваат од нов прекин во снабдувањето со струја.
„Ние ги сервисираме редовно тие долгови и длабоко сум убедена дека нема да имаме ваков проблем“, рече Јаневска.
Министерката денеска беше во посета на Институтот за историја при Филозофскиот факултет на УКИМ, по повод одбележувањето на 80 години од неговото основање, каде одговараше на новинарски прашања поврзани со актуелните состојби во високото образование.
Освен за долговите на УКИМ, Јаневска се осврна и на поплаките од студентите во врска со дигиталните билети за јавниот превоз. Дел од студентите реагираат дека дигиталните билети не функционираат кај сите корисници, додека ЈСП во меѓувреме ги укина хартиените билети.
Министерката рече дека не е информирана за ваков проблем, но доколку навистина постои, очекува тој брзо да биде надминат.
„Не сум запозната дека има проблем. Но доколку и има проблем, длабоко сум убедена дека раководството на ЈСП итно ќе им го реши тој проблем на студентите“, изјави Јаневска.
Вчерашниот прекин на електричната енергија на дел од факултетите предизвика реакции кај студентите и професорите, а денешните уверувања од Министерството имаат цел да ја смират ситуацијата и да гарантираат непречено одвивање на наставниот процес.
