Претставата „Ова е само крајот на светот“ во режија на Теа Беговска утревечер во 20 часот ќе ја има својата премиера на сцената на Драмскиот театар. Ова е прва премиера од годишната програма на театарот и дел од одбележувањето на 80-годишнината од неговото основање.
Станува збор за семејна психолошка драма на францускиот автор Жан-Лик Лагарс, напишана во 1995 година, која за првпат се поставува во Драмски театар. Текстот го обработува темата на одложувањето на вистината и тишината во семејните односи.
Преводот и адаптацијата ги направи самата режисерка Теа Беговска, која истакна дека повеќе од една деценија ја носела желбата да го постави овој текст на сцена. Во уметничкиот тим се сценографката и костимографка Надја Василева-Ковачовска, музиката е на Енес Беговски, а мултимедијалниот дел вклучува видеопроекции и камери што го приближуваат делото до хибрид меѓу театар и филм – предводено од Велимир Стојановски.
Во претставата играат Стефан Вујисиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климоска и Ања Митиќ.
Претставата трае час и половина и го истражува парадоксот на семејството – физички блиску, но емотивно оддалечено. Членовите живеат на ист простор, но секој во сопствена „вселена“, додека вистината се одложува и премолчува.
Актерите нагласуваат дека процесот бил искрен и интензивен, а минималистичкиот пристап бил дополнет со техничка поддршка од три камери што ја засилуваат интимноста на сцената.
„Ова е само крајот на светот“ отвора прашање кое останува актуелно – ако не можеме да ја кажеме вистината дома, каде тогаш ќе ја кажеме?
Следната изведба е закажана за 21 март во 20 часот.
