Новогодишната ноќ во Скопје ќе помине во знакот на македонската музика и празничната забава, со настапи на едни од најпознатите домашни изведувачи. На централната сцена ќе настапат Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Куку Леле, 2 Бона, како и други најавени артисти, кои ќе ја забавуваат публиката со свои најголеми хитови и живи настапи.
Покрај централната прослава, и скопските општини најавуваат сопствени новогодишни програми, со што празничната атмосфера ќе се прошири низ целиот град.
Од Град Скопје информираат дека од 15 до 31 декември, секоја вечер од 18 часот, на плоштадот „Македонија“ ќе се реализира разновидна празнична програма со музички настапи, диџеј-сетови и уметнички изведби. Викендите ќе бидат резервирани за најмладите, со детски претстави, анимации и забавни содржини.
Главниот фокус на програмата ќе биде во последните денови од декември. Централната празнична програма започнува на 27 декември, кога напладне на плоштадот е најавено пристигнувањето на Дедо Мраз, а во културно-забавниот дел ќе се вклучат и средношколски бендови.
