Каталогот на Filter Label од денеска е збогатен со ново издание – саундтракот што Кирил Џајковски го создаде за филмот „Уште една игра“ (One More Game) на режисерот Ник Јансен.
Објавувањето на музиката доаѓа непосредно пред филмската премиера, закажана за 11 март, и претставува вовед во атмосферата на остварувањето. За разлика од претходните филмски проекти, каде што Џајковски работеше со оркестарски состави, овој пат авторот се определува за поинтроспективен и минималистички пристап.
Музиката доминантно се движи во електронскиот спектар, со елементи на авангарден амбиент, хаус и драменбејс, создавајќи звучна средина исполнета со тензија и технолошка динамика. Саундтракот ја следи приказната за тинејџер од мало место кој се стреми да стане професионален гејмер, спротивставувајќи се на очекувањата на неговата мајка за традиционален образовен пат.
Новото издание уште еднаш ја потврдува продуктивноста и стилската разновидност на Џајковски како еден од најактивните автори на филмска музика во регионот.
Саундтракот е достапен за слушање и преземање на официјалната платформа на Filter Label.
https://filterlabel.fanlink.tv/onemoregame


