Четири случаи на насилство во кои биле вклучени малолетници се регистрирани во полицискиот билтен за само едно деноноќие, во училиште, спортска сала и на јавни места во Скопје. Во основно училиште во Аеродром двајца малолетници физички нападнале соученик, додека трет го снимал нападот со мобилен телефон.
Во соблекувална на спортска сала во Илинден, пак, две малолетнички нападнале 12-годишно девојче, според пријавата на нејзиниот татко. На подрачјето на Аеродром била пријавена и физичка пресметка меѓу 18-годишно момче и 14-годишен малолетник, поради претходно нарушени односи.
Најсериозниот инцидент се случил во Градскиот парк, каде што 18-годишник и двајца 17-годишници, според пријавата, со закана со дрвен предмет ограбиле четворица малолетници, а двајца од нив и физички ги нападнале. Тројцата осомничени за грабежот се приведени, а полицијата работи на целосно расчистување на сите четири случаи, по што ќе следуваат соодветни пријави.
