Министерството за внатрешни работи го идентификуваше лицето кое упатило заканувачки коментар преку социјалната мрежа „Фејсбук“ кон новинарот и водител на подкастот „Претрес“, Кристијан Ландов. Станува збор за 38-годишниот И.М. од Кичево.
Како што информираат од МВР, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика постапил по пријава на Ландов за закани упатени преку социјалните мрежи.
На 19 ноември 2026 година, под објава на фејсбук-страницата на „Претрес“, поврзана со емисијата „Претрес со Ландов“, бил објавен заканувачки коментар, кој новинарот го разбрал како закана по неговата физичка безбедност и обид за заплашување поради неговата професионална работа.
По преземените активности, полициските службеници го утврдиле идентитетот на лицето, кое во координација со СВР Охрид и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево било повикано на информативен разговор.
Разговорот бил спроведен на 23 ноември, при што 38-годишниот кичевец потврдил дека е корисник на профилот од кој бил објавен заканувачкиот коментар.
За случајот е известено Основното јавно обвинителство Скопје, а полициските служби продолжуваат со прибирање и обезбедување дополнителни електронски докази.
По комплетирањето на постапката, до надлежното обвинителство ќе биде доставен соодветен поднесок.
