Една година по почетокот на вториот мандат на градоначалникот Сашко Митовски, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека граѓаните на Крива Паланка сè уште чекаат решенија за низа проблеми и реализација на најавените проекти.
Од партијата велат дека наместо подобрување на комуналните услуги и исполнување на ветувањата, општината се соочува со зголемени финансиски обврски и нереализирани проекти.
„Според податоците со кои располагаме, заклучно со 30 јуни 2026 година, обврските на Општина Крива Паланка достигнале околу 128 милиони денари, а во третиот квартал финансиските обврски продолжиле да растат“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија посебно го посочуваат случајот со Европската куќа, за која тврдат дека просторот е затворен, а општинскиот имот бил предмет на извршна постапка поради неплатени обврски.
Според нив, граѓаните сè уште ги очекуваат и ветените мерки, меѓу кои бесплатен оброк за учениците до петто одделение, финансиска помош за пензионери со ниски примања, поддршка за набавка на огревно дрво, балон-сала во дворот на Касарната, главниот фекален колектор и пречистителната станица.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека наместо реализација, граѓаните добиваат нови одложувања и оправдувања.
Тие се осврнаа и на состојбата во ЈП „Комуналец“, за кое тврдат дека се соочува со финансиски проблеми и потешкотии со редовната исплата на платите на вработените.
„Ова отвора сериозни прашања за финансиското работење на претпријатието, висината на неговите долгови, доспеаните обврски и начинот на кој општинската власт планира да ја надмине состојбата“, велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ побара од локалната власт и градоначалникот да излезат пред граѓаните со конкретни податоци и одговори за финансиската состојба и реализацијата на проектите.
Од партијата додаваат дека дел од реализираните активности во Крива Паланка се резултат на проекти и инвестиции поддржани од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а не на исполнување на предизборните ветувања на локалната власт.
