Бендот Conquering Lion ќе го промовира својот шести студиски албум „One World“ со жив концерт во клубот Public Room во Скопје, на 21 март (сабота), со почеток во 21 часот.
Влезниците се во претпродажба по цена од 500 денари и се достапни онлајн преку Tix.mk.
Conquering Lion е даб/реге/кросовер бенд од Тетово, основан на 7 април 2007 година. Нивниот деби-албум „I“ беше објавен во 2009 година преку PMG Recordings и содржеше 10 песни, меѓу кои и соработка со јамајканскиот артист Jah Clarity на песната „Jah Love“.
Во 2011 година го издадоа вториот албум „Know Your Wisdom“, по што следуваше 30-дневна балканска турнеја. Со третото издание „Revelation“ (2013) бендот дополнително ја зацврсти својата позиција на европската сцена.
Четвртиот албум „Land of Confusion“ (2017) беше на листата за преноминации за најдобар реге албум на Греми наградите и доби високи оценки од европскиот реге портал Reggaeville. Петтиот албум „Revolution Time“ беше објавен во 2020 година.
Во периодот од 2023 до 2025 година бендот работеше на својот шести студиски албум „One World“, кој беше објавен во октомври 2025 година и е достапен во повеќе од 200 онлајн музички продавници.
Меѓу сингловите од албумот се издвојува „Warning“, реализиран во соработка со српскиот реге артист Hornsman Coyote. Новите песни ја продолжуваат препознатливата мешавина од даб, реге и кросовер елементи што го карактеризира звукот на бендот.
Conquering Lion настапувал низ Европа и Балканот, меѓу кои во Германија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Грција, Романија, Словачка, Чешка, Холандија, Полска и Косово. Дел биле и од фестивали како Riding Higher (Германија), In Music Festival (Хрватска), Spirit of Burgas и Hills of Rock (Бугарија).
На концертот во Скопје, публиката ќе има можност да ги слушне песните од „One World“ во живо и да ја почувствува енергијата на бендот на сцена.
Организаторите информираат дека во Public Room плаќањето се врши исклучиво со платежни картички.

