Да продаваш на пазарџиска тезга не е лесна работа. Но, ако си ја сакаш работата може да ја направиш дури и уметност за себе и за купувачите.
Токму таков е Амир Исмаили од Нерези кој продава на пазарчето во Тафталиџе. Иако е ладно, тој си ја наредил стоката убаво, дели насмевки и убави зборови, но се двои пред се со тоа што на секој производ залепил по еден стих, па дури и го напишал со рима.

„Авокадо за гвакамоли кога ќе платиш срце ќе те заболи”,
„Благ кромид од одбрано семе, лупен за оние што немаат време”,
„Со кромид млад можеш само да бакнеш во врат”,
„Портокали вкусни како силиконски усни”…
е само дел од поезијата што Амир секој ден ја пишува на своите производи на тезгата.

Тој ни вели: со позитивност и хумор им се доближувам на купувачите, а и го разубавувам пазарењето.
Убаво, во град преполн со нервоза и брзање, Амир не потсетува дека и секојдневието може да биде креативно, а хуморот – најевтината, но највредна стока која се помалку ја има.
