Изработена е нова Стратегија за образованието која ќе се применува од 2026 до 2032 година. Направена е од работна група на ресорното министерство и повеќе други институции. Пред да биде усвоена од Владата, ќе биде ставена на увид на јавноста за да има можност за сугестии во насока на унапредување на содржината.
За ова денес информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска. Документот, како што беше кажано, става акцент на развој на нова програма за предучилишно образование, инклузија во основното и средното образование, како и на инфраструктурата каде клучен момент е оптимизацијата на училишната мрежа и воведувањето на едносменска работа. Јаневска информираше дека следува примена на нова концепција за гимназиско и за стручно образование, како и нов модел на државна матура.
