Новоизбраната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, порача дека нејзини главни приоритети ќе бидат ефикасен кривичен прогон, целисходна работа на Обвинителството и максимално искористување на расположливите ресурси во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
По денешното давање свечена изјава пред Советот на јавните обвинители за стапување на функцијата, Хаџи Василева истакна дека Обвинителството ќе се залага и за обезбедување повеќе ресурси и за што поефикасно користење на постојните, со цел да се постигнат поуспешни резултати, посебно во предметите кои го засегаат јавниот интерес.
Таа нагласи дека Обвинителството ги следи актуелните случувања поврзани со Алта банка, организацијата на прославите за Денот на независноста и други теми од јавен интерес, но за формирање обвинителски став се неопходни конкретни факти и докази.
