Четири малолетнички добија воспитно-поправна мерка за случајот со врсничкото насилство врз 13-годишно девојче во Ѓорче Петров, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Судот изрекол заводска воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом. Две од малолетничките ќе бидат упатени на период од една година, додека за другите две е определена мерка во траење од осум месеци.
„Со оглед дека се работи за малолетници и постапката е тајна, можеме да потврдиме дека случајот е првостепено завршен и изречена е заводска воспитна мерка – упатување во воспитен дом“, информираат од Кривичниот суд Скопје.
Одлуката сè уште не е правосилна. Во моментов е во фаза на писмена изработка, по што ќе биде доставена до странките во постапката.
Случајот со насилството во Ѓорче Петров ја вознемири јавноста во март годинава, откако дел од нападот бил снимен со мобилен телефон и споделен на социјалните мрежи.
Против четирите малолетнички претходно беа поднесени кривични пријави за насилство, а постапката се водеше согласно Законот за правда за децата.
