Дотраените покриви во скопските средни училишта се заменети, а во изминатиот период реализирани се и повеќе инвестиции за подобрување на условите за настава, информираше денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека проблемот со прокиснувањето на покривите во училиштата постоел со години, а учениците и наставниот кадар се соочувале со несоодветни услови за одвивање на образовниот процес.
– Со години, додека учениците учеа, а професорите предаваа, покривите над нив прокиснуваа. Со години се знаеше за проблемот, а неговото решавање се оставаше за некое друго време. Како градоначалник, сметам дека ниту една генерација не смее да го помине школувањето чекајќи основни услови за настава. Затоа ги заменивме дотраените покриви – изјави Ѓорѓиевски.
Покрај реконструкцијата на покривите, градоначалникот информираше дека во средните училишта под надлежност на Град Скопје се обновени спортските терени, а училниците се опремени со нов мебел, компјутери, лаптопи и интерактивни табли.
Обезбедени се и индивидуални ормарчиња за учениците, бесплатни училишни униформи за средношколците од прва година, како и лаптопи за првенците на генерацијата.
Во рамките на активностите за унапредување на стручното образование, во средното училиште „Димитар Влахов“ е отворен фризерско-козметички салон, во кој учениците имаат можност да стекнуваат практични знаења и вештини со користење професионална опрема.
Ѓорѓиевски се осврна и на дополнителните едукативни и рекреативни активности наменети за средношколците.
– Организиравме бесплатен едукативен камп во Охрид, а за оваа зима предвидовме и ски-викенд за средношколците. Иднината на Скопје денес седи во училишните клупи и заслужува да го добие најдоброто од нас – рече градоначалникот.
Во тек е и поставувањето фотоволтаични системи во училиштата, како дел од активностите за подобрување на нивната енергетска ефикасност.
Градоначалникот најави дека инвестициите во образовната инфраструктура ќе продолжат и во текот на 2027 година, кога е предвидена изградба на две нови средни училишта, едно во Драчево и едно во Ѓорче Петров.
