Семејното и родово базираното насилство е сериозен општествен проблем кој бара навремена реакција, ефикасна институционална заштита и координирано дејствување на сите надлежни институции. Ова беше една од главните пораки на денешната панел-дискусија „Семејно и родово базирано насилство – од закон до пракса“, организирана од Општина Карпош.
Настанот се одржа во рамките на програмските активности за унапредување на еднаквите можности меѓу жените и мажите, а на него учествуваа претставници на институциите, граѓанскиот сектор и стручната јавност.
Целта на дискусијата беше да се идентификуваат недостатоците во практичната примена на законските решенија, да се разменат професионални искуства и да се предложат поефикасни механизми за спречување на насилството и заштита на жртвите.
Панел-дискусијата ја отвори градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој ја нагласи потребата од поголема институционална одговорност и активно вклучување на локалната самоуправа во справувањето со овој проблем.
„Насилството не е само индивидуален или семеен проблем, туку сериозен општествен и социолошки предизвик, со директни последици врз безбедноста, здравјето и достоинството на граѓаните. Честопати, жртвите се соочуваат со страв од пријавување, институционални бариери, економска зависност и недоволна информираност за механизмите на заштита. Затоа е неопходно институциите да дејствуваат координирано и системски, а локалната самоуправа да има активна улога во подигнувањето на јавната свест, превенцијата и поддршката на жртвите“, истакна Лукровски.
Тој посочи дека Општина Карпош, преку своите политики и програмски активности, настојува да ги обедини локалната заедница, надлежните институции, граѓанските организации и Советот на Општината во борбата против семејното и родово базираното насилство.
„Како одговорна локална самоуправа, преку вакви иницијативи сакаме да поттикнеме поефикасни механизми за заштита и посилна општествена и граѓанска реакција. Нашата цел е да создадеме услови во кои секоја жртва ќе може навремено да побара помош, да биде слушната и да добие соодветна институционална поддршка“, порача градоначалникот.
На панел-дискусијата учествуваа Снежана Смилевска од Организацијата на жени на Град Скопје, Елизабета П. Петковска од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Град Скопје, Билјана Јеремиќ, началничка на Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, психологот и гешталт психотерапевт Тиана Ивановска и клиничкиот невропсихолог Тина Васков.
Како заеднички заклучок од дискусијата беше истакната неопходноста од доследна примена на законската регулатива, навремено и ефикасно постапување на институциите, како и обезбедување континуирана и достапна поддршка за жртвите на насилство.
