ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека резултатите од изборите во Брвеница претставуваат јасна порака од граѓаните за состојбата во опозицискиот СДС и раководството на партијата предводено од Венко Филипче.
Од владејачката партија наведуваат дека СДС не изгубил само гласови, туку дека изборниот резултат покажал намалена доверба и политичка тежина кај граѓаните.
Според ВМРО-ДПМНЕ, разликата меѓу двете партии во Брвеница била значителна. Тие посочуваат дека нивната партија освоила околу 3.000 гласови, односно приближно 40 отсто од гласовите, додека СДС добил 707 гласа или околу 9 отсто.
„СДС беше декласиран од ВМРО-ДПМНЕ 4 спрема 1“, се наведува во соопштението.
Од партијата оценуваат дека СДС, според нив, без нова визија и јасна политичка понуда се обидува четвртото место да го претстави како успех.
ВМРО-ДПМНЕ го обвинува раководството на СДС дека останува заробено во старите политики и влијанија, додавајќи дека граѓаните тоа го препознале.
„Не бараме оставка од Венко Филипче. Напротив, сметаме дека треба да продолжи да го води СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека според нив, подолгото останување на оваа политичка линија ќе ја покаже разликата меѓу двете партии.
Од владејачката партија порачаа дека ќе продолжат со реализација на проекти и мерки, како и со исполнување на ветувањата кон граѓаните.
