Од 21 март во „Аудиокултура“ во Скопје започнува новиот циклус џез концерти „Џезотериа“, во организација на продуцентската куќа „Трето уво“.
Отворањето му припаѓа на пијанистот Гордан Спасовски, кој ќе настапи на првата концертна вечер.
Програмата продолжува на 28 март со пијанистката Дуња Иванова, на 4 април со гитаристот Тони Китановски, а на 18 април ќе настапи гитаристот Георги Шарески. На 25 април сцената ќе ја преземе Оливер Јосифовски со своето трио, додека циклусот ќе заврши на 7 мај со концерт на „Џоле Максимовски трио“.
Според организаторите, „Џезотериа“ е замислена како интимен и автентичен музички формат. Секој од уметниците ќе изведе соло рецитал, претставувајќи ја својата лична музичка визија, импровизациска слобода и креативен израз.
Публиката ќе има можност да ги слушне овие музичари во блиска и акустично внимателно подготвена атмосфера, што ретко се создава во стандардни концертни формати.
„Циклусот има за цел да ја поттикне промоцијата и популаризацијата на сè поквалитетната македонска џез сцена, која во последните години се развива со силна креативна енергија“, вели продуцентот Иво Јанкоски.
Со „Џезотериа“, Скопје добива уште еден континуиран простор за жив џез, каде музиката ќе биде во центарот, без вишок ефекти – само инструмент, тишина и импровизација.

