Дубиоза Колектив ја објави новата песна „YEBIGA“, а промоцијата доаѓа со прес текст напишан – од вештачка интелигенција.
Во свој препознатлив стил, бендот иронично ја отвора темата за алгоритмите, технолошкиот хајп и стравовите што ги носи новата AI ера. Во текстот „авторот“ – односно самата вештачка интелигенција – шеговито признава дека песната сепак не е нејзино дело, туку е напишана од луѓе.
Според таа иронија, доколку ја создавал алгоритам, можеби ќе била технички попрецизна и „поефикасна“, но сигурно немало да се вика „YEBIGA“, ниту ќе звучела како Дубиоза.
Токму во тој судир меѓу технолошката иднина и балканската реалност се раѓа песната – како музички коментар на идејата дека вештачката интелигенција ќе реши сè: ќе пишува подобри текстови, ќе создава подобра уметност и ќе ја надмине човечката креативност.
Дубиоза, сепак, потсетува дека музиката настанува од луѓе – со грешки, емоции и несовршености.
Песната е проследена со видео во кое се појавува Ѓипало Јунуз со својот препознатлив „хепек“ од култната емисија „Top lista nadrealista“, алудирајќи на апсурдот што денес се повторува – само во дигитална форма.
„YEBIGA“ беше објавена на 6 март и веќе предизвика реакции токму поради сатиричниот пристап кон односот меѓу технологијата и човечката уметност.
