Многу загадениот воздух се вдоми во Скопје и не си заминува. На скопјани веќе не им треба поглед во мерни станици за да знаат каков е воздухот кој го дишат, треба само да излезат на тераса и се им е јасно.
Јасно ли им е на надлежните институции дека треба да се размислува за итни, вонредни мерки? Вчера Скопје беше втор најзагаден град во Европа. Денес загадувањето сите го чувствуваме без да ја погледнеме табелата.
Со години се доцни со долгорочните мерки за спас од загадениот воздух, не треба сега да се доцни со краткорочните мерки. Силна опомена треба да биде дека вчера концентрацијата на ситни честички прашина во воздухот кои продираат длабоко во белите дробови и можат трајно да го оштетат здравјето, во Скопје била 12 пати повисока од годишната референтна вредност дозволена според стандардите на Светската здравствена организација.
Еве некои мерки кои може да се воведат:
– бесплатен јавен превоз,
– фабриките што согоруваат големи количества фосилни горива и отпад да го ограничат согорувањето,
– во одредени зони на Скопје привремено да се забрани движење на возила и камиони,
– да се ограничи работата на градилиштата и секако да се воведат вонредни инспекциски контроли,
– на хронично болните, бремените жени и други ризични категории ќе им се овозможи платено отсуство од работа
