Педесет и четиригодишен работник го загуби животот по несреќа на работното место во компанијата „Мермерен комбинат“ во Прилеп, откако се здобил со тешки телесни повреди за време на ноќната смена.
Станува збор за Т.Г. (54), кој веднаш по несреќата бил пренесен во прилепската болница, каде што му била укажана итна медицинска помош.
И покрај брзата реакција и напорите на медицинскиот персонал, работникот утрово им подлегнал на здобиените повреди.
Раководството и вработените во „Мермерен комбинат“ изразија длабоко сочувство до семејството, роднините и најблиските на починатиот работник.
По пријавувањето на несреќата, надлежните институции започнале увид на местото на настанот, со цел да се утврдат причините и околностите под кои работникот се здобил со фаталните повреди.
Од компанијата најавија целосна соработка со надлежните институции во процесот на расветлување на случајот, истовремено упатувајќи апел за почитување на приватноста на семејството на починатиот во овие тешки моменти.
Засега не се соопштени дополнителни детали за начинот на кој се случила несреќата. Причините за трагичниот настан треба да бидат утврдени по завршувањето на увидот.
