СВР Струмица поднесе кривична пријава против 50-годишен затворски полицаец од Струмица поради сомнение дека продавал дрога на работното место, недозволено чувал муниција и сторил кражба.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Струмица против Р.С. (50), за кривичните дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ и „кражба“.
Според МВР, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Р.С. на 21 ноември 2026 година во близина на Затворот Струмица.
Како што соопшти полицијата, тој додека бил на работното место како затворски полицаец пред затворот, се обидел да продаде кокаин на друго лице. При претрес кај него биле пронајдени три пакувања со кокаин.
Во рамки на дополнителните мерки биле извршени претреси во неговиот дом и во службените простории што ги користел во затворот. Притоа биле пронајдени повеќе пакувања со кокаин, пакување со марихуана и дигитална вага.
Во службениот ормар на пријавениот биле пронајдени и поголема количина куршуми за пиштол од онаа што му била задолжена како затворски полицаец, како и паричник за кој било утврдено дека потекнува од кражба пријавена истиот ден.
За случајот бил известен јавен обвинител, а Р.С. бил задржан во Полициската станица Струмица. По изведувањето пред судија на претходна постапка, му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена.
