Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека во текот на своите десет години на највисоките државни функции секогаш работел во интерес на Франција и нејзините граѓани, но призна дека неговото владеење не било без грешки.
Макрон се огласи преку социјалната мрежа Икс, одбележувајќи една деценија од моментот кога ја објави својата кандидатура за претседател на Франција.
„Сакам да им кажам и на оние кои не гласаа за мене дека, во секое време, дадов сè од себе за високите интереси на државата“, напиша францускиот лидер.
Тој оцени дека периодот зад него бил исполнет со големи предизвици, но и со работа на бројни проекти во интерес на државата. Макрон призна дека биле направени и одредени пропусти, но нагласи дека секојдневно работел со луѓе кои придонесувале за развојот на Франција.
„Понекогаш имаше грешки, но секој ден работевме напорно, заедно со многу исклучителни луѓе, во служба на Франција и францускиот народ“, порача претседателот.
Тој им се заблагодари на сите кои му ја дале довербата и поддршката во изминатите години, вклучително и на оние кои не биле негови политички поддржувачи.
Макрон ја презеде функцијата претседател во 2017 година, а потоа беше реизбран во 2022 година. Неговиот втор мандат истекува во мај 2027 година, по што, според францускиот Устав, нема право на трет последователен мандат.
Претседателските избори во Франција се закажани за 18 април и 2 мај 2027 година, а Макрон во нив нема да може повторно да се кандидира.
