ВМРО-ДПМНЕ со ново соопштение реагира на обвинувањата од СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче поврзани со случајот со „Алта банка“, тврдејќи дека информациите за наводна забрана за работење на банката во Европската Унија се неточни.
Од владејачката партија велат дека станува збор за регулаторна постапка поврзана со стекнување акционерски удел во австриската „Адико банка“, а не за забрана за работа изречена од Европската централна банка.
Според ВМРО-ДПМНЕ, документите покажуваат дека „Алта банка“ имала удел од 9,63 проценти во „Адико банка“, додека компанијата „Дипломат пеј“ поседувала 9,99 проценти од акциите. Од партијата наведуваат дека во август 2024 година биле суспендирани гласачките права на двете компании, откако австрискиот регулатор утврдил дека тие дејствувале како поврзани лица и заедно стекнале квалификуван удел од 19,62 проценти без претходно известување.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека суспензијата била последица на непочитување на регулаторна процедура, а не мерка со која на „Алта банка“ ѝ било забрането работење на територијата на Европската Унија.
Партијата посочува дека во декември 2024 година „Дипломат пеј“ го продала својот удел на австриски инвеститор, а во февруари 2025 година биле укинати ограничувањата за гласачките права на „Алта пеј“ во „Адико банка“, откако престанале условите за заедничко дејствување меѓу компаниите.
„Случајот се однесува на конкретна регулаторна обврска при стекнување акционерски удел, а не на забрана за работа во ЕУ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека обвинувањата од СДСМ се политички манипулации.
Во исто време, од партијата побараа Јавното обвинителство да ги испита деловните односи меѓу „Алта банка“ и поранешни владини функционери, како и кредитот од пет милиони евра одобрен на компанија поврзана со сватот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Од ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на информации дека во 2023 година, на предлог на тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими, на владина седница била разгледувана точка поврзана со деловни односи со „Алта банка“.
Според нивните тврдења, две години подоцна компанија во која учествува „АС Сењак“, фирма поврзана со лице блиско до Али Ахмети, добила кредит во износ од пет милиони евра од „Алта банка“ во Белград.
ВМРО-ДПМНЕ поставува прашања дали тогашната влада на СДСМ и ДУИ била запознаена со овие деловни односи, како бил одобрен кредитот и какви гаранции биле обезбедени.
Од партијата бараат обвинителството да ги провери сите околности поврзани со владините одлуки, кредитирањето и евентуалните трансакции поврзани со случајот.
