Во Собранието денеска продолжува работата на повеќе комисии, кои ќе разгледуваат предлог-закони од областа на медиумите, социјалната политика, пензиското осигурување, земјоделството и други области.
На дневен ред на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање се измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во второ читање. За предложеното законско решение е поднесен еден амандман од пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.
Со измените се предлага нов модел за финансирање на радиодифузната дејност, со цел обезбедување поголема финансиска стабилност и предвидливост. Предвидено е висината на средствата да се утврдува за период од пет години, а финансирањето да се обезбедува од државниот Буџет во висина од еден процент од реализираните даночни приходи, врз основа на последната усвоена завршна сметка.
По истекот на секој петгодишен период, износот на средствата повторно ќе се преиспитува и ќе се утврдува за наредниот петгодишен циклус.
Во меѓувреме, Комисијата за социјална политика, демографија и млади ќе расправа за измените на законите за задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, како и за измените на Законот за семејството. Сите три законски решенија се во прво читање.
Седница ќе одржи и Законодавно-правната комисија, пред која ќе се најдат повеќе законски предлози, меѓу кои измените на законите за пензиско осигурување, семејството, земјоделството и руралниот развој, Фондот за осигурување на депозити, како и предлог-законот за укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.
