Политичкото позиционирање против сите не е стратегија што носи успех, туку пристап кој со време создава разочарување, порача првиот вицепремиер Изет Меџити по изборните случувања во општина Брвеница.
Неговата реакција следува по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој изборниот настап во Брвеница го опиша како „сами против сите“.
Иако не го спомена директно Мицкоски, Меџити оцени дека конфронтацијата со сите политички чинители не може да биде долгорочно успешна стратегија.
„Во политиката, позиционирањето против сите не е стратегија што води кон успех, туку пристап што порано или подоцна произведува разочарување“, напиша Меџити.
Мицкоски претходно изјави дека неговата партија во Брвеница настапила со конкретна програма и концепт, додека, според него, противниците се потпирале на демографскиот фактор, националните поделби и кандидати чија улога била да одземат дел од гласовите.
Меџити во својата реакција се осврна и на политичките поделби, посочувајќи дека во мултиетничко демократско општество не треба да постои поделба на „ние“ и „тие“.
Според него, таквиот пристап создава нееднаквост и дистанца меѓу граѓаните, додека дијалогот и соработката се неопходни за стабилно функционирање на општеството.
