Договорот за пријателство и соработка меѓу Шпанија и Франција не доби поддршка во шпанскиот Сенат, откако опозициското мнозинство во горниот дом на парламентот гласаше против неговата ратификација.
Против договорот гласаа 142 сенатори од десничарската Народна партија и ултрадесничарската Вокс, додека 106 сенатори, главно од владејачката Шпанска социјалистичка работничка партија на премиерот Педро Санчез, ја поддржаа ратификацијата.
Гласањето се одржа во моментите кога францускиот претседател Емануел Макрон престојуваше во Мадрид, каде што беше пречекан од шпанскиот крал Фелипе Шести и кралицата Летиција на свечена вечера.
Договорот беше потпишан во Барселона во јануари 2023 година од Макрон и Санчез, а потоа беше одобрен од Долниот дом на шпанскиот парламент и од двата дома на францускиот парламент.
Главната забелешка на Народната партија се однесува на одредбата според која претставник на владата од едната земја треба да биде поканет на владина седница во другата земја најмалку еднаш во три месеци. Според опозицијата, оваа обврска е проблематична.
Франција веќе има слични договори за пријателство со Германија, Италија и Полска, додека Шпанија вакви договори има склучено само со Португалија и Мароко.
Одбивањето на договорот во Сенатот претставува ново несогласување меѓу шпанската влада и опозицијата околу надворешнополитичките прашања.
