Првите електрични автобуси за Скопје би можеле да пристигнат во рамки на првата фаза од набавката, за која е предвиден рок од шест месеци, но засега не е прецизирано колку од нив возила ќе бидат наменети за главниот град.
Додека трае производството, Град Скопје почна да ја подготвува инфраструктурата за нивно пуштање во сообраќај, вклучувајќи траси, полначи и потребното електрично напојување.
Најголема интервенција е потребна во автобуската база во Автокоманда, каде што треба да се обезбеди поголем електроенергетски капацитет за полнење на новата флота.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека подготовките се одвиваат паралелно со производството за автобусите да можат веднаш да излезат на улиците по нивното пристигнување. Тој ги отфрла тврдењата дека автобусите веќе се произведени, а Скопје доцни со подготовката на инфраструктурата.
„Има рок на испорака, не може автобусите да бидат готови веднаш откако завршила јавната набавка“, изјави Ѓорѓиевски.
Министерството за транспорт набавува вкупно 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење, од кои 100 автобуси се предвидени за Скопје, а 50 за други општини.
Првиот тендер беше поништен во мај по решение на Државната комисија за жалби по јавни набавки, по што беше распишана нова постапка.
На повторениот тендер најниска понуда во јули доставиле унгарската „IKARUS Electric“ и ЕВН, во вредност од околу 3,12 милијарди денари без ДДВ. Планот предвидува етапна испорака – 30 автобуси во рок од шест месеци, дополнителни 60 до 12 месеци и последните 60 до 18 месеци.
Тоа значи дека и обновувањето на возниот парк на ЈСП ќе биде постепено, а засега не е објавено во која фаза колку од автобусите ќе пристигнат конкретно во Скопје.
Клучно за тоа кога скопјани реално ќе почнат да се возат во нив ќе биде дали полначите, депоата и електроенергетската инфраструктура ќе бидат подготвени пред пристигнувањето на првите возила.
