Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, започна серија консултации со граѓани и претставници на различни општествени групи во рамки на подготовката на буџетот на Град Скопје за 2027 година.
Целта на овие средби, како што информира градоначалникот, е идните инвестиции и приоритети на градот да бидат дефинирани според реалните потреби на жителите на Скопје.
Ѓорѓиевски посочи дека во текот на денот разговара со млади, претставници на невладиниот сектор, урбани и месни заедници, пензионери, бизнис-заедницата и културни работници, при што главна тема е кои проблеми треба да бидат решени и кои проекти треба да бидат реализирани во следната година.
„Граѓаните најдобро знаат која улица долго време чека реконструкција, каде недостига спортски простор и во кој дел од градот е потребно повеќе зеленило. Од тие реални потреби тргнуваме при одлучувањето како ќе се распоредат средствата од градскиот буџет“, порача Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласи дека транспарентноста и отчетноста ќе останат меѓу основните принципи во работата на градската администрација, додавајќи дека граѓаните треба да бидат дел од процесот на креирање политики, но и да имаат јасен увид во реализираните проекти.
Во буџетот за 2027 година се очекува да бидат опфатени капитални вложувања во инфраструктурата, културата, спортот и заштитата на животната средина. Покрај поголемите проекти, најавено е внимание и кон помали локални интервенции, како обновување на улици, подобрување на условите во населбите и решавање на секојдневните проблеми на граѓаните.
Ѓорѓиевски ги повика скопјани да достават свои предлози и идеи, со цел новиот буџет да ги одразува нивните приоритети и потреби.
„Кога утре ќе погледнете што е направено, да можете да кажете дека тоа била ваша идеја и дека е реализирана. Скопје го градиме заедно“, порача градоначалникот.
