Со зајакнување на одбраната околу своето најголемо нафтено пристаниште и со масовна кампања за регрутација, Иран се подготвува за евентуален копнен напад од страна на САД и Израел.
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп нареди испраќање илјадници маринци и воздушно-десантни сили на Блискиот Исток. Иако, конкретно не најави копнена операција, ваквото распоредување на војници ги поттикна подготовките од Техеран. Аналитичарите и познавачите на иранската воена тактика сметаат дека земјата се подготвува за жестока борба што би можела да ѝ овозможи да нанесе поголеми загуби отколку во судир со супериорните воздушни сили на САД и Израел.
Иран ја зацврстува одбраната на островот Харк, клучен нафтен терминал и можна централна точка на секоја копнена операција, изјави Ебрахим Азизи, претседател на парламентарната Комисија за национална безбедност. По посетата на островот, Азизи рече дека мерките вклучуваат зајакнување на системите за наведувани ракети, поставување мини долж брегот и минирање на постројките.
Воените аналитичари веруваат дека на многу острови се ископани тунели и дека Иран се подготвува да ги брани со ракети и друго оружје. Техеран сигнализираше дека неговата одбрана ќе вклучува и ширење на конфликтот на целиот регион, со цел драматично да ја зголеми цената на секој напад. Иран, кој веќе успеа во голема мера да го запре извозот на нафта од Заливот и да напаѓа постројки и аеродроми, им порача на соседите дека, во случај на напад врз неговите острови, ќе ги прошири целите и кон нафтените платформи на море. Исто така се закани и со напади врз клучна инфраструктура како електрани и постројки за десолинизација.
„Иран има намера секоја американска интервенција да ја направи што е можно поскапо и политички неодржливо“, изјави Санам Вакил, директорка на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во лондонскиот институт „Чатам хаус“. „Очекувам Иран прво да се обиде да изведе масовни напади со дронови за да предизвика што поголема штета, а потоа да ја прошири одмаздата и на соседните земји.“
Според проценките, вклучително и оние на институтот „Њу лајнс“ од Вашингтон, Иран има околу еден милион активни и резервни војници. Меѓу нив има околу 190.000 високо мотивирани борци на Корпусот на чуварите на Исламската револуција. Иако поголемиот дел од армијата е послабо обучен и опремен со застарено оружје, нивна предност се планинскиот терен и долгогодишното искуство во асиметрично војување против Израел и САД преку регионални милиции.
Морнарицата на Револуционерната гарда, која располага со стотици мали и брзи пловила вооружени со ракети, торпеда и мини, со години ја попречува пловидбата во Персискиот Залив, а во 2016 година накратко зароби и десет американски морнари.
