Демократијата е државно уредување каде власта му припаѓа на народот кој преку избори, а некогаш и најдиректно преку референдум одлучува за разни важни прашања. Референдумот е многу користен во развиените демократии. На пример минатиот викенд Швајцарците гласаа на референдум за четири прашања. Таму граѓаните редовно се изјаснуваат дури и за висината на радиодифузната претплата или даночниот модел.
А како е во Македонија? Народното директно изјаснување речиси и да не се практикува. СДСМ отиде и уште подалеку, последниот референдум од 2018 година околу насилното менување на името на државата целосно го игнорира. Социјалдемократите донесоа одлука спротивна од директната народна волја. Зоран Заев и компанија знаеле повеќе од народот што требало да се прави и се гордееја што го згазија референдумот како највисок облик на донесување одлуки.
Од тогаш и се нема одржано нов референдум. Имаше иницијативи ама беа отфрлани од власта. Поради едно такво неосновано отфрлање сега и Европскиот суд за човекови права, ќе одлучува откако се жалеше Димитар Апасиев. Тој бараше референдумско изјаснување за т.н. Француски предлог каде се наметнуваше на Македонија да клекне пред Бугарија, но иницијативата беше отфрлена од СДСМ и ДУИ, а потоа судовите се прогласија за ненадлежни.
Сега нели е време поради многуте отворени прашања да се надмине долгогодишната референдумска блокада? Време е македонските граѓани да одлучуваат најдиректно за клучни економски, социјални или политички теми. Од што се плашат политичките елити, дали од можноста граѓаните да донесат одлука поинаква од нивните калкулации?
