Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) реагираше по доставувањето на реформските предлози од Платформата „Разговори за иднината во 12:05“, оценувајќи дека станува збор за обид за внатрешно слабеење на партијата и опозицискиот блок.
Од СДСМ платформата ја нарекоа „ЗНАМ 2.0“, обвинувајќи дека наместо искрена иницијатива за реформи, таа има за цел преземање на партијата и создавање нов политички субјект.
Во реакцијата од партијата наведуваат дека содржината на писмото, кое според нив требало да биде доставено како интерен документ, веднаш се појавила во медиуми блиски до власта.
Од СДСМ посочуваат дека зад предлозите стојат 17 потписници, кои, како што велат, се обидуваат да ја наметнат својата волја спротивно на одлуката на повеќе од 18.000 членови кои го избрале Венко Филипче за претседател на партијата.
Партиското раководство ги обвини иницијаторите и за лични интереси, финансиски мотиви и обиди за коалицирање со други политички фактори со цел расцепкување на опозициските гласови.
Според СДСМ, во доставениот документ нема конкретни предлози за борба против корупцијата, рокови поврзани со европската интеграција или поддршка за Европското обвинителство, туку само барања за оставка на раководството, нов конгрес и промена на партиското лого.
„Партијата не е на продажба и СДСМ не се предава на аванс. За нас СДСМ не вреди 1,6 милиони евра. Ние сме за Европа, за вистина и правда. Слободата на говорот, слободата на медиумите, демократијата, европскиот пат и иднината на нашата Македонија немаат цена“, порачаа од партијата.
Од Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ претходно информираа дека ги доставиле своите предлози за структурни промени во СДСМ до партиската архива на „Бихаќска“. Документот бил поднесен од Игор Ивановски, Славјанка Петровска и Коста Начевски.
