Пратениците на СДСМ и коалицијата побараа итно свикување седница на Собранието, по најновиот случај на пријавено семејно насилство во Гостивар, по кој жена беше хоспитализирана во животозагрозувачка состојба.
Барањето е доставено до претседателот на Собранието, Африм Гаши, од кого опозициските пратеници бараат веднаш да свика седница на која единствена точка на дневниот ред ќе биде постапувањето на институциите во спречувањето на насилството врз жените и семејното насилство, како и заштитата на жртвите.
Повод за барањето е случајот со жената од Гостивар, која синоќа, по пријавено семејно насилство, била донесена во Клиничкиот центар во Скопје во животозагрозувачка состојба.
„Уште една жена се бори за живот по пријавено семејно насилство. Жена од Гостивар синоќа била донесена во Клиничкиот центар во Скопје во животозагрозувачка состојба. Доста е институционален молк и непреземање одговорност“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата бараат во Собранието да се отвори дебата за начинот на кој надлежните институции постапуваат по пријавите за семејно насилство, ефикасноста на постојните механизми за превенција и мерките што се преземаат за навремена заштита на жртвите.
Пратениците на СДСМ и коалицијата инсистираат на институционална одговорност и конкретно постапување во случаите на насилство врз жените, со цел да се спречат нови случаи со тешки последици.
Засега нема информации дали и кога претседателот на Собранието ќе ја свика бараната седница.
