Два нови законски предлога со кои треба да се олесни решавањето на станбеното прашање на младите брачни парови се во фаза на подготовка, информираат од ВМРО-ДПМНЕ. Според најавите, законските решенија се очекува во текот на следниот месец да бидат доставени до Собранието.
Со првиот закон се предвидува младите брачни парови да добијат можност да купат стан по цена која ќе биде за 20 проценти пониска од просечната пазарна цена на станбениот простор остварена во претходната година.
Во моментов се спроведуваат анализи на цените на недвижностите, врз основа на кои ќе се утврдуваат повластените цени за младите брачни парови.
Според првичните податоци, просечната пазарна цена на квадратен метар станбен простор во Општина Центар во првите три тримесечја од годинава изнесувала 1.915 евра. Со предвиденото намалување од 20 проценти, младите брачни парови би можеле да купат стан по цена од околу 1.530 евра за квадратен метар.
Тоа би значело дека за стан со површина од 60 квадратни метри, наместо 114.900 евра, младите брачни парови би платиле околу 91.800 евра, односно би заштедиле приближно 23.000 евра.
Според најавеното законско решение, секој инвеститор кој ќе побара одобрение за изградба на станбен објект ќе биде обврзан да издвои 10 проценти од вкупната станбена површина за лицата кои ќе ги исполнуваат условите предвидени со законот.
Еден од основните критериуми за користење на оваа поволност ќе биде најмалку еден од брачните партнери да биде на возраст до 35 години.
Второто законско решение предвидува ослободување на младите од плаќање комуналии кон општините при изградба на сопствен дом.
Ваквата мерка веќе се применува во одредени општини во Македонија, а со новиот закон се предвидува нејзино проширување на територијата на целата држава.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека со овие две законски решенија младите ќе добијат финансиски поволности, без разлика дали ќе се одлучат да купат стан или да изградат сопствена куќа.
Од партијата велат дека уште од почетокот на мандатот работат на создавање подобри услови за живот на младите, оценувајќи дека обезбедувањето сопствен дом е еден од нивните најголеми животни и финансиски предизвици.
Деталните услови, критериумите и начинот на користење на предвидените поволности ќе бидат познати по финализирањето на законските решенија, кои допрва треба да поминат низ собраниска процедура.
