Подобрувањето на образовните услови, унапредувањето на студентскиот стандард и создавањето нови можности за вработување и професионален развој се дел од политиките што Владата ги спроведува за младите, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија оценуваат дека преку конкретни мерки, проекти и инвестиции се создаваат услови за поголема економска независност на младите и подобри можности за нивниот професионален напредок.
Како една од актуелните мерки ја издвојуваат студентската картичка, која треба да им овозможи на студентите повеќе поволности, вклучително и 20 проценти пониски цени за услугите што ќе ги користат преку апликацијата „М-услуги“.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека досега биле доделени и 55.000 ваучери во вредност од по 250 евра за набавка на електронски уреди, како мерка за поддршка на студентите.
Паралелно со овие активности, како што наведуваат од партијата, се инвестира и во подобрување на условите за сместување во студентските домови.
Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје бил пуштен во употреба во септември, додека во тек е реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, за која се предвидени околу 10 милиони евра.
Меѓу реализираните активности од партијата ги посочуваат и дигитализацијата на универзитетите, воведувањето електронски индекс, како и проектот „Месеци на практикантство“, преку кој студентите добиле можност да стекнат практично работно искуство во општините.
Посебен акцент се става и на мерките за вработување и поттикнување на претприемништвото. Според податоците што ги објави ВМРО-ДПМНЕ, преку Програмата за самовработување со грант во 2025 година биле отворени речиси 2.200 нови правни субјекти.
Годинашниот Оперативен план за вработување, пак, е вреден 40 милиони евра и предвидува опфат на повеќе од 10.000 лица.
Од вкупниот износ, 32 милиони евра се наменети за директни мерки за вработување, при што посебно внимание се посветува на младите до 29-годишна возраст.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Владата ќе продолжи со спроведување политики насочени кон подобрување на студентскиот стандард, создавање нови работни места и обезбедување повеќе можности за образование, самовработување и професионален развој на младите.
