Три амандмани на Предлог-буџетот за 2027 година, со кои Левица побара дополнителни финансиски средства за заштита на жртвите од семејно и родово базирано насилство, беа одбиени на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, соопштија од партијата.
Амандманите, кои ги образложи пратеничката Јована Мојсоска, се однесуваа на кадровско зајакнување на центрите за социјална работа, зголемување на капацитетите на шелтер-центрите и отворање специјализирани советувалишта за жртви на семејно насилство. Според Левица, сите три предлози биле одбиени од ВМРО-ДПМНЕ.
Со првиот амандман, Левица побара дополнителни 78 милиони денари за вработување стручен кадар во центрите за социјална работа и формирање специјализирани тимови за постапување во случаи на семејно и родово базирано насилство.
Мојсоска посочи дека во текот на 2025 година во центрите за социјална работа биле регистрирани 1.700 пријави од жртви на семејно насилство, додека во првите шест месеци од 2026 година бил забележан раст на бројот на регистрирани случаи за 60 проценти.
И покрај зголемениот број пријави, според пратеничката, центрите за социјална работа со години се соочуваат со недостиг од стручен кадар, на што укажуваат и извештаите на Државниот завод за ревизија и меѓународните организации.
Таа предупреди дека законската обврска за постапување во рок од 12 часа по добиена пријава во практиката не секогаш се исполнува, посочувајќи дека во одредени случаи поминуваат и неколку недели пред да биде остварена средба со жртвата.
Мојсоска нагласи дека центрите имаат обврска да обезбедат заштита на жртвите и да ја координираат работата со полицијата, образовните и здравствените установи, но дека без доволно стручен кадар и континуирана професионална едукација не можат соодветно да одговорат на своите надлежности.
„Од самиот систем зависи како институциите ќе одговорат на насилството“, порача Мојсоска.
Вториот амандман се однесуваше на обезбедување дополнителни финансиски средства за отворање шелтер-центри и зголемување на бројот на места за згрижување на жртвите од семејно насилство.
Според податоците што ги презентираше Мојсоска, на национално ниво се потребни 184 места за сместување на жртвите, додека во моментов се обезбедени само 67. Со тоа, недостигаат 117 места, односно државата располага со само околу 37 проценти од потребните капацитети.
Пратеничката ја доведе во прашање и ефикасноста на најавената меѓуинституционална координација, оценувајќи дека таа не може да даде соодветни резултати доколку центрите за социјална работа немаат доволно вработени, а капацитетите за згрижување на жртвите се недоволни.
Третиот амандман предвидуваше дополнителни 80 милиони денари за отворање и финансирање специјализирани советувалишта за жртви и сторители на семејно насилство.
Повикувајќи се на наодите на Државниот завод за ревизија, Мојсоска посочи дека во Македонија се потребни 19 вакви советувалишта, додека формално постојат само 11, од кои речиси половина не се функционални.
Таа нагласи дека во Југоисточниот регион нема ниту едно вакво советувалиште, додека најголем дел од специјализираните услуги се концентрирани во Скопскиот регион, со што жените од руралните средини имаат ограничен пристап до неопходната поддршка.
Според Мојсоска, во изминатите три години не било отворено ниту едно ново советувалиште, и покрај тврдењата на власта дека се предвидени средства за оваа намена.
Пратеничката се повика и на анализите на граѓанскиот сектор, според кои за воспоставување функционален систем за заштита од семејно насилство се потребни околу седум милиони евра годишно, што претставува приближно 0,1 процент од државниот буџет.
Со овие средства, според анализите, би се обезбедиле функционални советувалишта, шелтер-центри и бесплатна здравствена заштита за жртвите на семејно насилство.
„Ние ниту овој 0,1% со години не успеваме да го обезбедиме. Ако навистина не можеме ваков износ да издвоиме, тогаш потполно треба да ја распуштиме државата“, порача Мојсоска.
Од Левица оценуваат дека недоволните финансиски средства, кадровскиот дефицит и ограничените капацитети за згрижување на жртвите претставуваат сериозна пречка за воспоставување ефикасен систем за превенција и заштита од семејно насилство.
