Многу загадениот воздух поклопи повеќе делови од Македонија. Алармот вришти со повик за брза и соодветна реакција. Да, сега за многу мерки е доцна, ама сепак можат некои итни дејствија да се преземат.
Ќе ги видиме ли тие сет на мерки во реалноста?
Засега највидливи се препукувањата меѓу власта и опозицијата за тоа кој е виновен што Скопје, а и други наши градови се меѓу најзагадените во Европа. СДСМ цело време критикува, како последно ја обвини и централната и локалната власт дека приоритети им се местењата на тендери, а не здравјето на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ возврати дека за време на владеењето на СДСМ наместо за животна средина, се трошеле 1,6 милион евра за лубриканти.
Се очекува и наредните денови да си разменат вакви соопштенија.
А загрижената јавност очекува друго – да не се губи време на кавги и заедно во парламентот и во општинските совети да се бараат итни решенија за отровниот воздух. Загадувањето на воздухот не треба да го загади и политичкиот живот, напротив.
