Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата и следната година ќе продолжи со финансиска поддршка на општините преку нов повик за капитални проекти, нагласувајќи дека Чешиново-Облешево ќе добие поддршка за реализација на нови инфраструктурни зафати.
При посетата на општината, Мицкоски изрази задоволство што присуствува на реализација на проекти и во помалите локални самоуправи, упатувајќи честитки до градоначалникот за, како што рече, посветената работа и резултатите што ги постигнува.
Тој истакна дека заедно со локалната власт веќе разговарале за идните приоритети и го охрабри градоначалникот што побрзо да ја подготви потребната проектна документација, со цел општината да биде подготвена за новиот владин повик.
„Ќе продолжиме со политиката на директна поддршка на општините, затоа што токму локалните проекти значат подобар квалитет на живот за граѓаните“, порача премиерот.
Посебен акцент, според Мицкоски, ќе биде ставен на решавањето на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во повеќе населени места во општината. Тој најави дека Владата очекува дополнителни средства преку реформската агенда со Европската Унија, покрај веќе обезбедените 750 милиони евра.
Според него, проектот за водоснабдување ќе биде предложен како еден од приоритетните проекти на Владата и ќе биде вклучен на индикативната листа за финансирање, со очекување конечната одлука да биде донесена во првата половина од следната година.
Мицкоски повторно ја нагласи поддршката што Владата ќе ја обезбедува за општините и им се заблагодари на градоначалникот, советниците, пратениците од регионот и медиумите, оценувајќи дека заедничката соработка е клучна за реализација на проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните.
