Опозициската Левица ја критикува економската политика на Владата, оценувајќи дека тврдењата за економска стабилност не одговараат на реалната состојба со животниот стандард на граѓаните.
Од партијата наведуваат дека голем дел од населението се соочува со сиромаштија, посочувајќи дека 22 проценти од граѓаните живеат под прагот на сиромаштија, а речиси секое трето дете расте во услови на сиромаштија.
Според податоците што ги презентира Левица, синдикалната минимална кошница за септември достигнала 69.432 денари, што претставува зголемување од 4.355 денари во споредба со истиот период минатата година.
Од партијата велат дека состојбата е уште потешка за четиричлените семејства кои живеат под кирија, бидејќи нивните месечни потреби достигнуваат околу 84.807 денари. Во исто време, една минимална плата покрива само околу 37,5 проценти од вредноста на минималната кошница.
Левица се осврна и на состојбите во индустријата, наведувајќи дека индустриското производство во август 2026 година бележи пад од 1,9 проценти, додека бројот на вработени во индустрискиот сектор е намален за три проценти.
Според партијата, недоволната модернизација, недостатокот на преработувачки капацитети и ограничената примена на нови технологии се меѓу причините што го забавуваат развојот на домашното производство и економијата.
Од Левица оценуваат дека растот на бруто домашниот производ не се претвора во подобар животен стандард за граѓаните и поставуваат прашање зошто економските резултати за кои зборува Владата не се чувствуваат во секојдневните трошоци и семејните буџети.
